Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити денеска беше во посета на Универзитетската клиника за хематологија по повод пуштање во употреба на новоотворениот Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки на Клиниката за хематологија.

Центарот е сместен на целосно нов кат на површина од 800 м2, донација на Амбасадата на САД, кои преку Европската команда на американската армија финансиски ја поддржаа изградбата со еден милион евра. Останатите средства се обезбедени од ФЗО, со поддршка од Министерство за здравство и Владата.

-Ми претставува посебно задоволство што денес сите заедно присуствуваме на пуштањето во употреба на новоизградениот Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки на Клиниката за хематологија. Изразувам посебна благодарност до Амбасадата на нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави за оваа инвестиција да стане реалност со обезбедените средства од Програмата за помош од Европска команда на американската војска.

Со оваа значајна инвестиција го означуваме почетокот на работа на ова ново одделение, со што за пациентите обезбедуваме услови за лекување какви што нудат најсовремените центри од ваков вид во светот. Новиот капацитет, заедно со воспоставените најсовремени методи за лекување и медицинска грижа, овозможува клиниката да служи не само на јавното здравство, туку истовремено го етаблира на врвот на најзначајните центри за лекување хематолошки болести во поширокиот регион.

Со новиот оддел ги прошируваме капацитетите за оваа намена. Годишно ќе бидат лекувани најмалку 50 до 60 пациенти од земјава и 10 до 15 лица од соседните земји, кои досега установата немаше просторен капацитет да ги прифати. Продолжуваме да ги менуваме на подобро состојбите во јавното здравство, изјави на отворањето министерот Меџити.