Три родилки починаа годинава. Дебора Џамбази од Кичево за време на царски рез во приватна клиника, Маја Паневска од Свети Николе во штипската болница, а Елизабета Динева на КАРИЛ која претходно била породена во Гевгелија.
За случајот на Елизабета, Обвинителството го чека извештајот од надлежните институции кои треба да посочат дали има сомнеж за сторено кривично дело. Нејзиниот сопруг се семнева дека станува збор за лекарска грешка.
Од Министерството за здравство посочуваат дека Државниот здравствен и санитарен инспекторат постапува во рамки на своите надлежности, а со вонреден инспекциски надзор се постапува во Општата болница во Гевгелија и кај матичниот гинеколог.
- Таа прво била хоспитализирана на Клиникa за неврологија, каде останала 24 часa. Првично била во добра општа состојба, се хранела нормално, разговарала по што западнала во кома и еден час била ренимирана во Ургентен центар. Веднаш било побарано конзилијарно мислење од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), од каде информираат дека е постапено согласно сите протоколи, направени се сите иследувања, направено е КТ. По две недели во кома починала и телото е предадено на обдукција, стои во соопштението.
Во истата болница пред околу три години, за време на царскиот рез почина и Маја Кадиева заедно со нејзиното новороденче.
Засега Јавното обвинителство води постапка само за родилката од Кичево која во февруари почина во болницата „Санте Плус“ за која обдукцијата покажа дека се задушила поради погрешно поставен тубус.
Во очекување е и обдукцискиот извештај за родилката која пред еден месец почина на гинеколошкото одделение во Штип. Наредната недела, според најавите на министерот Филипче, ќе биде познат епилогот и од Судска медицина и од комисијата формирана од Министерството за здравство.
Комисиите формирани од здравствените власти речиси никогаш не најдоа лекарска грешка.