Кога дечињата кои доаѓаат на контрола во болницата во Козле ја напуштаат, вработените им даваат маски, како начин за заштита од загадениот воздух.

После преглед поради респираторна инфекција докторите со препорака им ги даваат маските болните да ги носат кога се движат надвор.

Маските стопроцентно не штитат од аерозагадувањето, но според докторите тие помагаат за децата да не ги вдишуваат опасните ПМ честички кои неколку дена го прават главниот град најзагаден во светот.

-Се што можеме ние да направиме како лекари е да ги советуваме родителите што да направат превентивно, а тоа е носење на децата надвор од градовите како и заштитните маски, кои ќе кажам се превенција. Секако не може целосно да се заштитиме ниту сме во стаклено звоно ниту пак децата можеме да ги држиме во стаклено звоно, вели др. Ангелчо Андоновски директор на болница за белодробни заболувања во Козле.

Во многу болници и клиники велат дека изминатиот период имаат зголемен број на пациенти, а кај дел од нив болничкиот престој е поврзан со компликации од загадувањето. Поголем наплив на пациенти овој период очекуваат и во Козле бидејќи децата се најпогодени од аерозагадувањето.

-Деца кои веќе имаат хронични заболувања добиваат ларингити или како што велиме ние родителите се спуштило на белите дробови и се тоа како последица од загадувањето, вели Андоновски.

Краткорочната и долгорочна изложеност на загаден воздух може да доведе до намалена функција на белите дробови и респираторни инфекции. Аерозагадувањето кај трудниците е опасно за предвремено породување, додека најновите светски истражувања покажуваат дека опасните ПМ честички се причина и за појава на дијабет и невролошки заболувања кај децата.

Министерството за здравство годинава набавило 40 000 маски за заштита од загадениот воздух кои кои ги поделиле во здравствените установи низ земјата. Дали мерката против загадениот воздух на оваа власт е кренатите раменици во денови на зголемена загаденост? Бидејќи маските нема да ја завршат работата, треба мерки и решенија – посочуваат дел од граѓаните кои ги затекнавме во болницата