Најмалку околу 200 вработувања се потребни во моментов за да имаме квалитетна здравствен услуга. Во септември ќе има оглас за вработување медицински персонал, истакна директор на Здравствен дом Скопје, Злате Мехмедовиќ, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Тој посочува дека имаат недостиг од лекари, но и останат медицински персонал, како што се медицински сестри, лаборантски техничари, рендгден технолози, фармацевтски техничари, фармацевти, дипломирани биохемиски инжинери.
Вработувањата во прва фаза, нагласува, ќе ги покријат сите дупки кои се создавани изминатите години со одлевање на медицинскиот кадар од Здравствен дом Скопје и на тој начин ќе ги покриеме само оние иницијални потреби на домот.
- Понатаму ќе разговараме за потребните вработувања кои ќе го подигнат и квалитетот на здравствената грижа во Здравствениот дом Скопје. За нормално функционирање на одредени специјалистички служби во две смени, вработувањата во втора и треба фаза треба да ги дуплираат вработувањата во прва фаза, вели Мехмедовиќ.
Во врска со тоа какви им се плановте со Итната медицинска помош (ИМП) тој потенцира дека со оглед дека функционира со десеттина возила и намалени тимови, потребно е таа да се надгради и технички и со кадар за да може подобро да функционира.
- Дел од лекарите кои планираме да ги вработиме во септември ќе бидат во најголем дел за ИМП, бидејќи таму состојбата е многу лоша во однос на кадровската екипираност. Разговаравме и за техничката опременост, затоа што возилата не се толку стари, но се технички дотрајани и имаат дефекти. Министерството за здравство пред неколку дена објави тендер за набавка на нови санитетски возила. Разговаравме со министерот и тој вети дека дел од тие возила ќе бидат наменти за ИМП, истакна Мехмедовиќ.
Посочи дека планираат да се формира еден единствен центар на ИМП кој ќе прави сумирање на повиците од цела Македонија и после во зависност од тоа каде се наоѓаат диспечерските тимови ќе ја испраќа ИМП на терен.
Тој рече дека и во патронажната служба имаат недостиг на кадар, но, укажа, поалармантна е ситуацијата во превентивните тимови кои се одговорни за имунизација, речиси се преполовени и наместо да има 28 школски и 27 предшколски тимови на територија на град Скопје, имаме 16 школски и 15 предшколски тимови.
- Домашната посета исто така има проблеми во начинот на функцонирање и тука треба да се направи реорганизација. За сите лекари и помошен медицински персонал потребно е да се коригира коефициентот на плата, додаде Мехмедовиќ.