Mинистерот за здравство, Венко Филипче деновиве говорејќи во врска со тендерот за инсулин за кој веќе се доставени понуди рече дека нема ниту една фирма со паралелен увоз за набавка на инсулинот. Според проценките на познавачите на приликите тоа значи дека цената на инсулинот може да се движи до два пати поскапа.
Што велат бројките за набавка на инсулин низ последните неколку тендери кои се распишуваат на две години?
Во 2012 година според податоците од системот Електронски набавки проценатата вредност била 30.913.672 евра со ДДВ, а склучени се договори во висина од 23.289.775 евра со ДДВ. Во 2014 година проценета вредност на тендерот за набавка на инсулин била 24.373.984 евра исто со ДДВ, а склучени се договори во вредност од 22.057.907 евра. Во 2016 година проценета вредност на тендерот е 22.464.228 евра, а склучени договори во висина од 18.970.693 евра. Оттука заштедата по основ на склучените договори за период 2012 година-2016 година е околу 4,3 милиони евра.
Годинава тендерот се објави со доцнење кон крајот на септември. Во меѓувреме се правеа пак набавки во четири очи, или на пациентите им се даваше инсулин од донации со рок кој беше при крај. На 6 ноември се доставија понудите за тендерот од септември. Сега тече рок на нивно разгледување и оценка. Останува да се види по завршување на постапката колку ќе се потрши годинава за инсулинот или колку точно ќе ги чини граѓаните. А како што вели министерот по достава на понудите нема ниту една фирма со паралелен увоз за набавка на инсулинот. Значи нема конкуренција, тешко е во тој случај да има пониска цена, туку само доста повисока.