Труењата со храна се акутни патолошки состојби предизвикани од консумација на производи загадени со бактерии, токсини, вируси, паразити, но, само кога станува збор за два поврзани случаја – со ист вид храна и/или со храна од исто место.
Во текот на летото, кога времето е топло и луѓето најчесто се хранат надвор, бидејќи голема е веројатноста да се на кампувања, излети и летувања, се зголемува ризикот од болести кои се пренесуваат со храната. Меѓу основните причини за труење со храна, велат експертите, се зголемената температура и влажноста на воздухот кои се погодни за побрзо размножување на вирусите и бактериите како салмонела и ешерихија коли (најчести предизвикувачи на болести преносливи со храната). Дополнителен, но не и помал ризик, е тоа што за време на летото се зголемени активностите надвор од домовите, па миењето на рацете и чувањето на храната во ладилници не е секогаш достапно.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски за македонските медиуми објаснува како и каде конкретно се пријавува труењето со храна, како се постапува во такви случаи, кои се препораките за да не дојде до таков исход во летните месеци и колку случаи на труење се досега пријавени до АХВ.
– Во летниот период, посебно кога времето е екстремно топло како сега, дури ни во ладилник не треба да ја чувате храната подолго време. Треба да се води смета и зготвената храна да не се остава на собна температура подолго од два часа, целата зготвена и лесно расиплива храна во колку што е можно покус рок да се олади на температура под пет степени целзиусови, а пред послужување добро да се подгрее, на над 65 степени, вели Бабовски.
Според него, информацијата за труењето може да се добие од здравствен работник или од потрошувачи, но, само кога постојат два поврзани случаја на труење, со ист вид храна и /или од исто место.
– Информација/пријава од здравствен работник (матичен доктор, доктор во Болница или во Клиниката) се доставува до Епидемиолошката служба при надлежниот Центар за јавно здравје. Тие ја проследуваат информацијата до Агенција за храна и ветеринарство и до Државниот санитарен и здравствен инспекторат и веднаш го известуваат Министерството за здравство. Ако информацијата доаѓа од Oдделението за потрошувачи при АХВ, веднаш се известуваат надлежниот државен инспектор за храна, надлежниот Центар за јавно здравје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат – раководител на сектор. Притоа се бараат дополнителни информации од надлежниот Центар за јавно здравје за добиена информација од матичен доктор, болница, клиника до епидемиолошката служба при надлежниот Центар за јавно здравје, истакнува директорот.
По добиената информација за труење со храна веднаш се формира работна група за теренско истражување на труењето составена од надлежниот државен инспектор за храна, надлежниот државен санитарен, како и од здравствен инспектор, епидемиолог и санитарен техничар од надлежниот Центар за јавно здравје/Подрачна единица.
– Членовите на работната група за истражување на труењето заедно и истовремено прават контрола во објектот посочен како место поврзано со труењето со храна. Секој член на работната група постапува согласно со процедурата за труење со храна на својата институција. Од инкриминираната храна се земаат три примероци во исто време, на ист начин и во исти услови, запечатени и прописно обележани за да може да им се обезбеди на операторите да поднесат барање за дополнително стручно мислење. Доколку операторот не се согласува со резултатите од анализата на првиот примерок, тој може да побара вршење на анализа на вториот примерок. Ако резултатите од анализата на вториот примерок се различни од резултатите од анализата на првиот примерок тогаш задолжително инспекторот го доставува на испитување третиот примерок за супер анализа, нагласува Бабовски.
Според него, граѓаните треба да покажат одговорност и да го пријават секое труење.
– Зошто е важно да го пријавите труењето со храна? Ако мислите дека труењето е резултат на консумирање храна во ресторани или други објекти за храна, важно е да го пријавите, за надлежните служби и инспекторите да преземат мерки во рамки на своите овластувања. На тој начин ќе се спречи ширењето на заразната болест преку храната, вели директорот.
АХВ на својата веб страница веќе објави предупредување до граѓаните, да бидат многу внимателни со храната – каде јадат, од каде купуваат, како ја чуваат и како ја третираат пред да ја консумираат.