Плаќање на сите трошоци за лекарите од внатрешноста кои специјализираат во Скопје како и итно субвенционирање за купување на свој дом за секој доктор до 40тата година од животот. Ова се само дел од мерките кои Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари ќе ги достави до Министерството за здравство за подобрување на нивниот статус но и намалување на миграцијата на овој кадар во други држави. Велат дека во денешно време е тешко и скапо да се носи бел мантил, особено што специјализантите не добиваат ниту денар за кирија ниту пак за патувањето од еден до друг град.
-Поради долгото време на студирање и усовршувањето на знаењето, лекарите доцна почнуваат со заработка и затоа треба да има субвенционирање на купување на свој дом во местото на живеење, што секако им следува по законот за одвоен живот. Младите лекари не добиваат и никакви исплати на трошоци за одвоен живот. Сега медицината стана спортска професија па оној кој има пари студира бидејќи навистина е голем терет за семејството, вели Божидар Кочоски од Асоцијација на млади лекари и специјализанти.
Кочоски вели дека немаат ниту посебен дом за специјализанти и докторанти, па младите лекари кои го усовршуваат своето знаење на скопските клиники, сите трошоци ги плаќаат од свој џеб. Со предлог мерките бараат и платено породилно за нивните колешки без разлика на работниот однос.
-Мора да има породилно за секоја лиценцирана лекарка која се стекнала со дозвола за работа, без разлика дали е во работен однос. Со тоа треба да стимулираме оформување на семејство, а не да чекаат да бидат вработени, вели Кочоски.
Покрај регулирање на финансиските трошоци што ги имаат младите лекари, од Асоцијацијата бараат и изградба на дом за студенти по медицина како и изградба на градинка за вработените во клиниките и поголемите болници.