Директорот на Клинички центар да го бира Владата, но раководители да бидат вработени на клиниката со минимум 20 години искуство, истакна денеска на прес-конференција доктор Нико Беќаровски, член на Иницијативниот одбор за формирање синдикат, кој денеска се спои со синдикатот на Клиничкиот центар во докторски одбор „Хипократ“.

– Иницијативниот одбор ја поздравува идејата за спојување на Клинички центар, тоа беше една од нашите заложби. Меѓутоа, од друга страна, спојувањето треба да значи и професионализација на клиниките. Што подразбираме под тоа? Директорот на Клинички центар, да, може, нека го бира Владата, меѓутоа раководителите на клиниките исклучиво да се бираат од редот на вработените на клиниката со минимум 20 години искуство да бидат специјалистичко, пожелно би било секако да бидат од редот на професорите коишто се на таа клиника. Ние направивме една груба проценка дека само по основ на втор директор којшто постои моментално во клиниките и по основ на управни одбори, годишно околу милион и сто илјади евра се неповратно фрлени без никаква конкретна импликација, освен што служи за вработување на кадри, нагласи Беќаровски.

Според Беќаровски, од „вечерни школи“, резултатот е неквалитетен кадар.

– Секој најдобро знае каков персонал му фали. Во моментов се случува од денеска да добиеме писмо дека овој е прераспределен кај вас, овој е тргнат од кај вас. Со ваков начин, квалитет нема. Верувајте, има сестри коишто не знаат да ја стават иглата на шприцот. Таква сестра не може да работи на Клинички центар. Не би требало да работи ни на друго место. Се дисперзираа, секаде се отворија школи, се завршуваат вечерни школи, од таму произлегоа неквалитети, смета Беќаровски.

Тој додаде дека огромен е револтот на докторите, затоа што цела одговорност ја носат самите тие.

– Во сите овие случаи што беа актуелни, никој не праша дали сестрите дале соодветна терапија, дали болничарот ја однел крвта како што треба и така натаму. Ако нема професионализација, вакви грешки ќе се повторуваат и понатаму, појасни тој, додавајќи дека има клиники што доколку волонтерите се одлучат да ги напуштат, нема да функционираат.

Нивниот краен рок за спојување на Клиничкиот центар е 31 декември. Претседателот на Синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски рече дека се согласиле јавно да дадат поддршка на министерот за здравство, Фатмир Меџити, за што побрзо да се врати институцијата Клинички центар со еден директор и еден управен одбор.

Во вторникот на прес-конференција, Меџити, одговарајќи на новинарско прашање за укинувањето на организациските директори во клиниките, потсети дека врши притисок, тоа да биде реалност од 1 јануари 2024 година, доколку може да се постигне.