Првата линија на одбрана против коронавирусот се матичните лекари. Иако бројот на пациенти сега во ординациите е намален, сепак оние кои имаат симптоми за коронавирусот мораат да се јават кај овие здравствени работници за да закажат тестирање преку системот „Мој Термин“. Ваквото вклучување на сите матични лекари во процесот на рано и навремено откривање на лицата позитивни на коронавирусот би требало да помогне во сопирање на ширењето на вирусот.
На територијата на Република Македонија во функција се 14 пунктови за тестирање на пациенти сомнителни на коронавирусот. Според здравствените власти, постои дилема колку матичните лекари ќе можат да се посветат на редовните лекарски прегледи и истовремено да се справуваат со новонастаната ситуација. Во моментов 1200 матични лекари се стават во функција на здравјето на граѓаните и спречување на пандемијата.
Матичната докторка Лилија Чолакова-Дервишова посочува дека веќе се вклучени во процесот на дијагноза и водење на пациентите кај кои постои сомнеж дека се заразени од коронавирус. Тие се водат по соодветни прашалници и оние за кои постои сомнеж или јасни индикации за присуство на вирусот се закажува термин за земање на брис. Во Скопје во функција се два пункта во поликлиниките Ченто и Јане Сандански, а се подготвува просторија и во поликлиника Чаир. Работното време на пуктовите е од 8 до 14 часот.
Од Институтот за јавно здравје посочуваат дека лабораторијата за вирусологија на ИЈЗ дневно може да процесира 170 примероци од брис за коронавирус. Оваа процедура, велат од ИЈЗ, е бесплатна за граѓаните.
Според СЗО, најдобар начин за забавување на напредокот на пандемијата на коронавирусот е раното откривање и ограничување на смртоносниот Ковид-19. Пораката на шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебреизус е едноставна и вели: „Тестирај, тестирај, тестирај“. Тестирајте го секој сомнителен случај, доколку се позитивни, изолирајте ги и откријте со кого биле во контакт два дена пред да развијат симптоми и тестирајте ги и тие луѓе. Без тестирање, случаите не можат да бидат изолирани и синџирот на зараза нема да биде прекинат – порача тој.
Досега бројот на заразени во Република Македонија изнесува 177 пациенти. Според местото на живеење, градовите Скопје и Дебар се со најмногу заразени во земјава.