Австралиските власти денеска го продолжија затворањето на Сиднеј за уште најмалку 14 дена, откако првичното тринеделно затворање не успеа да го спречи ширењето на Ковид-19 во најголемиот град во Австралија.
Премиерката на државата Нов Јужен Велс, Гледис Береџиклиан најави дека ограничувањата ќе останат на сила најмалку до 30 јули, истакнувајќи дека во последните 24 часа се потврдени нови 97 случаи на локална трансмисија на вирусот.
– Секогаш е болно тоа да се каже, но мора да продолжиме со локдаунот уште најмалку две недели. Сакаме што поскоро да излеземе од оваа ситуација и баш затоа мораме да спроведеме мерки кои ни се на располагање, изјави Береџиклиан.
Откако беше детектиран првиот случај на заболен близу познатата плажа Бонди на средината на Јуни, затворањето беше продолжено два пати. Вкупниот број на заразени во градот со 5 милиони жители сега е нешто помалку од 900, а регистрирани се и два смртни случаи, кои се први за државата оваа година.
Државата Викторија пак, која помина скоро една третина од 2020 година во карантин, регистрираше најголем број на заболени на дневна основа, а сите се поврзани со тим на преместувачи на мебел кои го носеле вирусот од Сиднеј.