Клиничката болница „Аџибадем Систина“ соопшти дека специјалистот по детска хирургија и супспецијалист по детска кардиохирургија д-р Владимир Чадиковски станува дел од тимот на оваа болница.
-Со потпишувањето на договорот со д-р Чадиковски и благодарение на неговата експертиза, во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се создадени услови за изведување на сите видови срцеви интервенции кај деца, велат од Аџибадем Систина.
По потпишувањето на договорот на единствениот лиценциран кардиохирург за деца во земјава, д-р Владимир Чадиковски, од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ очекуваат соодветна институционална поддршка од здравствените власти.
Чадиковски на 8-ми Август официјално го достави отказот и спогодбено го раскина договорот со приватната болница на Жан Митрев. Во исто време уште двајца анестезиолози од тимот на Чадиковски си заминуваат од болницата, а по нив најверојатно ќе следи заминување и на другите членови на тимот кои од Клиниката за детска хирургија, преку прокетот за јавно приватно партнерство преминаа во болницата на Жан Митрев.
Од Клиниката Жан Митрев пак, соопштија дека без разлика на заминувањето на Чадиковски, моделот за детска кардиохирургија во рамки на Клиниката се одвива без застој, при што посочуваат дека од потпишувањето на првиот договор со Фондот за здравствено осигурување за кардиоваскуларна хирургија пред дваесетина години во континуитет се изведуваат сите видови кардиоваскуларни операции. Досега се третирани над 1.000 вродени срцеви маани кај возрасни и кај деца и бебиња.
Од Лекарската комора потврдија дека само Чадиковски има лиценца за детска кардиохирургија.
„Лекарската комора има издадено 3 типа на лиценци: Едната лиценца е кардиоторакална хирургија како што ја има доктор Салис Таџер, 5 се од областа на кардиохирургија, 11 за кардиоваскуларна хирургија меѓу кои е и лиценцата на доктор Жан Митрев и една лиценца е за детска кардиохирургија со која се здобил доктор Владимир Чадиковски“, посочи Калина Гривчева Старделова, претседателка на Лекарската комора на Македонија.