Министерството за здравство нема да бара вакцинирањето да биде услов за упис во училиштата. Во постојан контакт сме со Министерството за образование, ќе ги усогласиме ставовите. Не е точно дека работиме на тоа дека децата нема да се запишуваат во градинка или во училиште ако не бидат вакцинирани. Ќе работиме на тоа на родителите кои се скептични да им укажеме дека кај нив не треба да постои страв дека вакцините се небезбедни.
Ова денеска го истакна заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски, кој рече дека индивидуално право е на секој родител да одлучи дали ќе го вакцинира своето дете, меѓутоа како Министерство за здравство мора да водат сметка за колективната безбедност, бидејќи, како што посочи, едно невакцинирано дете, а инфицирано може да биде причина за инфективно заболување кај многу дечиња.
– Колективната безбедност не само на децата, туку општо во државата е многу важна работа. Министерството за здравство во изминатиот период ниту работело, ниту ќе работи во скратување на правата, а посебно на правата на децата, односно правата на децата за кои одлучуваат родителите. Ќе ги убедиме родителите дека ќе увеземе најквалитетни вакцини. Наша работа е да ги увериме дека вакцинирањето на детето е позитивна работа – рече Чакаровски.
Вчера и министерката за образование Рената Дескоска им укажа на здравствените власти дека не може да поставуваат услов и дека ниту едно дете не смее да биде исклучено од образовниот процес бидејќи основното образование е задолжително и уставно право.