Во Македонија секоја година 279 жени умираат од рак на дојка, а оперираните пациенти каде се, термин за мамографија чекаат и по четири месеци, има и случаи кога за ехо преглед се чека година. На ваков проблем неодамна се пожалија жени заболени од рак на дојка, а и од Институтот за јавно здравје посочуваат дека потребна е промена во начинот на закажување на прегледи, пред се на итните случаи и на жените кои веќе се оперирале.

Од Министерството за здравство велат дека има посебни термини за поитни потреби од снимања.

– За пациентите од онкологија и торакална хирургија се отворени посебни термини, достапни само за лекарите од тие установи. Министерството за здравство и Управата за електронско здравство се во постојан контакт со пациентите преку посебна контакт линија и во континуитет се обезбедуваат дополнителни термини за оваа категорија пациентки, секако во согласност со можностите и капацитетите на самите установи и ресурсите со кои располагаат (технолози и радиолози), кои се користат при овие дијагностики, се наведува во одговорот од Министерство.

Но, од Здружението за борба против рак „Борка“, од каде што информираа за проблемот, велат дека не се запознаени дека постои посебна контакт линија со пациентите.

Минатата година се регистрирани нови 218 случаи на рак на дојка кај жени и четири кај мажи. Петнаесет нови случаи се пријавени кај млади жени на возраст под 40 години.