Меѓународен панел на експерти расправаше за укинување на вонредната состојба во јавното здравство поради Ковид-19, а Светската здравствена организација (СЗО) треба да ја објави својата одлука најрано во понеделник, односно денеска, велат извори од телото со седиште во Женева, пренесуваат светските медиуми.
На почетокот на состанокот, генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус истакна дека во изминатите осум недели се регистрирани повеќе од 170.000 смртни случаи.
– Реалната бројка е секако многу поголема, рече тој, додавајќи дека ситуацијата во Кина се влошува.
Укинувањето на ограничувањата во Кина доведе до нагло зголемување на смртните случаи во најнаселената земја во светот. Скоро 40.000 смртни случаи беа пријавени во СЗО минатата недела, повеќе од половина од нив од Кина.
Претходно оваа недела, Тедрос изрази загриженост поради континуираниот пораст на бројот на смртни случаи поврзани со Ковид. Прогласувањето на вонредна состојба е највисокото ниво на тревога што СЗО може да го прогласи. Тоа го прави во случај на закана за да може владите и јавноста да бидат предупредени и подготвени. Ниту прогласувањето, ниту укинувањето на вонредната состојба немаат непосредни последици. Секоја земја сама одлучува како да управува со кризата.