Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејсус денеска изрази загриженост поради претераната реакција на некои земји на појавата на варијантата омикрон, велејќи дека наметнатите ограничувања можеби не се неопходни и дека со нив неправедно се казнуваат африканските земји.
– Добро ја разбирам загриженоста на сите земји да ги заштитат своите граѓани од варијанта што сè уште не ја разбираме целосно, рече шефот на СЗО. Подеднакво сум загрижен што некои земји-членки воведуваат поопшти мерки кои сами по себе не се засновани на докази или ефективни и само ќе ги зголемат нееднаквостите, додаде тој.
Првпат забележана во Јужноафриканската Република пред една недела, варијантата омикрон предизвика глобален аларм, доведе до забрана за патување и дополнително покажа разлика помеѓу масовната вакцинација кај богатите и ниските вакцинации во сиромашните земји. Обраќајќи се на состанокот зад затворени врати, лидерот на СЗО апелираше до 194 земји-членки да се придржуваат до „рационални и пропорционални“ мерки, се наведува на веб-страницата на СЗО.
– Сè уште има повеќе прашања отколку одговори за сериозноста на варијантата и ефективноста на вакцината, рече Тедрос.
Досега не се пријавени смртни случаи поради варијантата омикрон, иако СЗО вели дека таа варијанта на коронаирус претставува висок ризик за нагло зголемување на бројот на заразени.