Од утре до сабота под влијание на влажни воздушни бранови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Во текот на ноќта кон четврток ќе има пообилни врнежи од дожд, а в петок и до сабота во пладневните часови врнежите повторно ќе бидат пообилни, над 25 литри на метар квадратен и ќе преминат во снег, некаде и на пониските места.

Како што информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), на планините и на повисоките места во западните и северните делови ќе се формира снежна покривка. До сабота ќе дува засилен до силен ветер, кој ќе биде и над 70 километри на час.

Утринските температури ќе бидат во интервал од еден до 9 степени, а максималните од три до 17 степени. Најстудено ќе биде в недела со утринска температура од -10 до -1 степен, а дневната температура ќе се движи од пет до 12 степени.