Со започнувањето на летниот период од годината и топлото време, време е да го планирате вашиот летен одмор. Тие што ќе одлучат летниот одмор да го поминат надвор од Македонија, треба да ги знаат ризиците по здравјето како и начините за превенција. Без разлика каде одите – планински предели, плажи или раздвижени градови – започнете ја вашата авантура подготвени.

Пред да заминете:

Одвојте кратко време да се запознаете со дестинацијата каде ќе патувате. Дури и ако сте запознаени со местото, може да има нови и важни здравствени ризици кои би можеле да го нарушат Вашето патување.

Контактирајте го Центарот за јавно здравје надлежен за местото каде живеете за да добиете информација за тоа дали Ви се потребни некои лекови или дополнителни вакцини за дестинацијата каде ќе патувате.

Исто така, доколку спаѓате во групата на лица кои имаат хронични заболувања (заболувања на органите за дишење, срцето, црниот дроб, бубрежни заболувања, дијабет, намален имунитет од било кое заболување) побарајте совет од вашиот матичен лекар или специјалист, кој ќе го процени ризикот од патувањето.

Во најблиското наше соседство и во многу популарни дестинации (Грција, Србија, Косово, Албанија, Бугарија, Хрватска, Италија, Франција, Шпанија, Португалија и многу други европски земји) во моментов има епидемии на мали сипаници – не патувајте незаштитени!

Институтот за јавно здравје им препорачува на сите патници да го проверат својот вакцинален картон и вакциналните картони на своите деца, за да се сигурни дека се целосно вакцинирани согласно Календарот за имунизација на Република Македонија, вклучувајќи и две дози со вакцина против мали сипаници, или соодветно на возраста.

На следниот линк превземете флаер со информации за мали сипаници

За време на патувањето:

  • Конзумирајте безбедна храна и вода за пиење.
  • Јадете само храна која е добро зготвена и се служи веднаш (топла).
  • Јадете овошје и зеленчук што сте го измиле со безбедна вода или сами сте го излупиле.
  • Пијте вода или газирани пијалаци кои се флаширани и запечатени или многу топло кафе или чај.
  • Користете мраз направен од флаширана или дезинфицирана вода.
  • Мијте ги рацете често и долго со сапун и вода.

Контаминирана храна или пијалоци може да предизвикаат дијареа и други цревни заболувања. Патничката дијареа е најчестата болест поврзана со патувањето.

Спречете убоди од инсекти. Користењето на репеленти може да ве заштити од сериозни болести што се шират преку каснувања од комарци, како што се Западно-Нилска треска, Зика, денга, чикунгуња, жолта треска и маларија.

 Доколку патувате во планински предели, престојувате во шуми или тревнати површини, заштитете се од убоди од крлежи кои може да пренесат сериозни заболувања: хеморагични трески, лајмска треска итн.

Користете репеленти со една од следните активни состојки: DEET, picaridin, IR3535, масло од лимонски еукалиптус, пара-ментан-диол или 2-ундеканон.

Прво нанесувајте крем за сончање, а потоа репелент. Следете ги упатствата на етикетата.

Доколку патувате во некоја егзотична земја на Блискиот Исток, особено во Саудиска Арабија, каде во континуитет се регистрира MERS CoV инфекција, тогаш:

Избегнувајте близок контакт со лица кои покажуваат симптоми на респираторна болест (особено во болнички установи!).

Одржувајте редовна хигиена на раце.

Се препорачува употреба само на термички обработено млеко и месо, и добро измиено или излупено овошје и зеленчук.

По враќањето од патување:

Доколку не се чувствувате добро и имате некакви симптоми кои може да ги поврзете со некое од гореспоменатите заболувања, веднаш побарајте лекарска помош и совет!

На тој начин ќе овозможите навремено дијагностицирање и третман на вашата болест и ќе ја намалите можност за понатамошно пренесување на болеста на други луѓе.

Преземено од ИЈЗ