Секцијата на медицински сестри и техничари на нефрологија, дијализа и трансплантација при нефролошката секција во рамки на ЗМСТАМ, викендов организираше едукативна средба на тема „Модалитети на бубрежна заместителна терапија“.
На настанот, кој се одржува првпат по шест години, учествуваа 220 медицински сестри и техничари од целата држава, а во дискусијата се вклучија и доктори од клиниката, кои ги презентираа новините во областа на нефрологијата.
Во рамки на едукативната средба беа опфатени повеќе актуелни теми од областа на нефрологијата, како што се: акутни компликации на хемодијализа, подготовка на пациент за трансплантација на бубрег, васкуларни пристапи за хемодијализа, следење на хепатит Б и Ц инфекциите во центрите за дијализа во период 2014–2017 година и други актуелни теми.
На едукативната работилница беше потенцирано дека токму ваквите стручни средби се дел од процесот на континуирана медицинска едукација и придонесуваат за професионална надградба на здравствените работници, со цел поставување повисоки стандарди во работењето и за натамошен професионален напредок во однос на презентирање, изработување студии, обработка на податоци и извлекување заклучоци за уште подобра евалуација.