Новиот министер за здравство, Фатмир Меџити, на вчерачниот прв брифинг со новинарите истакна дека главните приоритети се решавањето на сообраќајниот хаос во Клиничкиот Центар, ажурирањето на позитивната листа на лекови и зголемување на платите на здравствените работници. Министерот најави и нов Ургентен тријажен центар на интерни клиники.
Тој потсети дека и самиот доаѓа од Клиничкиот центар и оти како лекар, пред се му се пациентите. Министерот појасни дека и тој самиот може да биде пациент, како и некој од неговото семејство, па мора сите да придонесуваат за подобро здравство.
Меџити беше дециден дека тој и неговиот тим сакаат да воспостават ред, да одговорат на предизвиците во здравството. Но, како што подвлече, досега ја согледувале ситуацијата во каква состојба го преземаат Министерството. Сепак, додаде, нивен фокус се подобри услови за сите пациенти, не само во Скопје, туку во целата држава.
Министерот кажа дека ја имаат поддршката и од премиерот Димитар Ковачевски, како и од Владата. На претставниците на медиумите им рече дека за него, новинарите се многу важен елемент. Тој нагласи дека со неговиот тим сакаат работите да одат на подобро, ќе се потрудат да решат се и нема да префрлуваат вина на никого.
Тој најави и смени на некои од директорите на Клиника, на Неврологија, Очна клиника, Ендокринологија, Дерматовенерологија, како и организациските директори на Клиниката на Гинекологија и акушерство и на Онкологија.
На средбата со претставници на медиумите се обрати и заменичката на министерот за здравство, Маја Манолева, која рече дека се надева на искрена соработка со медиумите.