Американската агенција за лекови (ФДА) одобри итна употреба на антивирусниот лек на компанијата Фајзер. Како што пренесуваат светските медиуми, компанијата посочува дека таблетата која би требало да се зема со уште еден антивирален лек ритонавир, има 90% ефикасност во превенција на хоспитализацијата и смртен исход кај високо-ризичните групи на луѓе.
– Ефикасноста е голема, негативните ефекти се ниски и земањето е орално. Ги задоволува сите услови. Станува збор за 90% намален ризик од хоспитализација и смртен исход кај високо-ризичните групи на луѓе, пто е зачудувачко, изјави Др. Грегори Поланд од Клиниката Мајо.
Таблетата е првиот начин на домашен третман на вирусот и е одобрена за употреба кај сите постари од 12 години, но и кај повозрасните пациенти кои спаѓаат во ризична група. Од компанијата Фајзер посочуваат дека се подготвени да започнат испорака веднаш во САД.
Таблетата ќе се продава под името „Паксловид“ и ќе се зема на секои 12 часа во текот на 5 дена откако ќе се појават симптоми на Ковид-19. Потенцијалните корисници на таблетата ќе мораат да покажат позитивен тест на ковид-19.