Министерот за здравство венко филипче во интервку за еден наш познат електронски медиум изјави дека дефинитивно државата ќе издвои буџет и вакцинирањето за Ковид-19 ќе биде бесплатно. Цената на вакцината се уште не позната, но се посочува дека постојат два механизми за набавка во моментов, едниот е Ковакс механизмот, преку СЗО и Алијансата за имунизација.
– Потпишавме писмо на намери и овој механизам им овозможува на земјите рамноправно да им бидат распределени вакцините според бројот на населението тогаш кога ќе излезат на пазарот, од секој последователен производител. Земјите – членки на Европската Унија потпишаа билатерални договори со компанијата која работи на оксфордската вакцина „Астра зенека”. Добивме понуда Полска да набави соодветна количина и за нас, заради тоа што нема да имаме можност за билатерален договор. Дефинитивно, со два механизми обезбедуваме дека вакцината ќе биде достапна и за нашите граѓани, бесплатно. Вакцината од Оксфорд во земјава ќе стигне преку партнерство и соработка со Полска и ќе биде бесплатна, истакнува Филипче.
Тој ја оценува како стабилна состојбата со пандемијата со Ковид-19 во земјава, поради тоа што не се оптоварени болничките капацитети и поради тоа што неколку недели по ред, процентот на новозаразени е околу 7 проценти. Сепак, здравствениот систем, потенцира, стратешки се подготвува за евентуално лоши есенски сценарија иницирани од комбинацијата на пациенти со грип и на оние со ковид, а можни се и рестриктивни мерки во одредени региони доколку тоа е потребно.
– До крајот на октомври ќе бидат готови и 16 модуларни болници, таканаречени „ковид центри” ширум земјата, во непосредна близина на актуелните болнички капацитети, вели Филипче.
Според него, свеста за значењето на вакцините е подигната, особено по минатогодишната епидемија со морбили.