Со донесувањето на одлуката за започнување на работата на градинките од 9-ти септември, родителите треба да потпишат изјава во која се вели дека институцијата не дава гаранција за непренесување на заразни болести вклучувајќи и Ковид-19.
Родителите со право прашуваат дали властите навистина обезбедија услови за нивните деца безбедно да почнат да одат во градинка и ако се обезбедени таквите услови, која е потребата од ваква изјава која родителите се принудени да ја потпишат бидејќи нема кој да им ги чува децата, а тие треба да одат на работа.
Министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека градинките ќе се отвораат без притоа да се направат тестирања за коронавирус на вработените. Последните тестирања на персоналот кој работи во градинките се направи во мај месец годинава, а во тој период, односно месец јуни градинките не започнаа со работа. Министерот посочи дека алгоритмот по кој се водат епидемиолозите е доволен и нема потреба од повторно тестирање на вработените. Тука се поставува прашањето што доколку некој од вработените е асимптоматски носител на вирусот?
Тој при тоа ќе може да ги зарази и вработените и децата. Затоа и медицинските работници велат дека само со скрининг на вработените би се елиминирала опасноста од заразување и ширење на вирусот. Оваа одлука дополнитено ги револтира родителите бидејќи тие при запишување на своите деца ќе мора да приложат потврда од педијатар дека детето е здраво, а мораат да достават и потврда од работа дека детето мора да посетува градинка.
Родителите загрижени прашуваат зошто се бараат докази за децата дека се здрави, а не се приложуваат документи дека вработени се здрави и се во можност безбедно да ги чуваат децата при тоа не загрозувајќи го своето и нивното здравје.