Месото што секојдневно го јадеме, а особено пилешкото, е преполно со хормони, кои сериозно може да го нарушуваат здравјето, пред сѐ, на нашите деца.
Експертите предупредуваат дека оваа храна предизвикува хормонски нарушувања поради што децата прерано влегуваат во пубертет. Веќе на деветгодишна возраст на девојчињата почнуваат пребргу да им растат градите, што го зголемува ризикот од развој на малигнитет.
Нутриционистот Живко Влајковиќ објаснува дека присуството на хормони, пред сѐ, во пилешкото, но и во другите меса и производи, може да биде нездраво и опасно, но и да предизвика хормонски дебаланс.
- Видов девојчиња што влегуваат во пубертет веќе на девет или десетгодишна возраст, а кај момчињата се јавува гинекомастија, односно раст на градите, и тоа пред сѐ кај подебелите пациенти. Тоа во најголем дел е поради лошата исхрана, односно поради хормоните и концентратите со кои се хранат животните. Уште поопасни од пилешкото месо се јајцата од кокошка, кои содржат хормони за зголемување на плодноста, вели тој.
Тоа може да создаде резистентност на лековите и да го наруши имунитетот на организмот кој треба да се избори да ја исфрли и преработи таа силна хемија. Иако таквата храна не одговара ни за возрасните, во најголема опасност се децата, и тоа особено во периодот на интензивен раст затоа што кај нив клетките бргу се размножуваат.
Пластичниот и реконструктивен хирург, доктор Бојан Чириќ, предупредува дека појавата на гинекомастија во последно време е во пораст и дека се појавува кај еден на тројца мажи, кои се помлади од 40 години. Оваа болест ја имаат дури половина мажи постари од 50 години. Чириќ нагласува дека вистинската гинекомастија треба да се разликува од карциномот и неврофибромот, но и дека кај заболените со гинекомастија се зголемува ризикот од развој на малигнитет.
- Мажите сакаат големи гради, но само кај жените. Некои сепак ја имаат таа несреќа и да поседуваат по еден пар. Оваа појава се нарекува гинекомастија и во основа е хормонален проблем. Со ваквото хормонско нарушување, многу често, покрај растот на дојките, обично се забележува и дебелеење кај машката дојка. Ова место претставува едно од генетски предиспонираните места за дебелеење. Има цела низа заболувања на другите органи на телото, како тумори, цироза на црниот дроб и слично, кои исто така може да предизвикаат вакви симптоми, вели Чириќ.