Швајцарија вчера ги укина последните преостанати ограничувања за КОВИД-19, а Италија ја прекина вонредната состојба прогласена поради пандемијата. Во Швајцарија, маските повеќе не се задолжителни во јавниот транспорт и здравствените установи, а апликацијата „Ковид-19“ за следење контакти е деактивирана.
Луѓето заразени со коронавирус повеќе не мора да одат во самоизолација, но властите, сепак, ги повикуваат да останат дома доколку имаат симптоми на КОВИД-19. Тие оценуваат дека кај населението преовладува висок имунитет, а состојбата на интензивна нега е стабилна. Но, и натаму сакаат да одржат „засилена будност“ до пролетта 2023 година.
Властите во Рим, пак, одлучија да ја укинат вонредната состојба наметната од пандемијата, како и зелената пропусница за местата каде беше потребна. Од вчера гостите во хотелите повеќе нема да треба да докажуваат дали се вакцинирани против КОВИД-19, дали биле заразени со вирусот или имаат негативен тест. Овој сертификат повеќе не е потребен ниту за влез во ресторани и барови на отворено, но за внатрешниот простор и натаму се бара. Маските се уште се неопходни во затворен простор. Сертификатите исто така повеќе не се потребни за влез во музеи и изложби, но се бараат во театри, кина и концерти на затворено.
Распространетоста на КОВИД-19 кај Британците е на највисоко ниво од почетокот на пандемијата во 2020 година, покажаа вчерашните податоци од Британскиот Национален завод за статистика (ОНС). Се верува дека во последната недела од март, едно од 13 лица имало коронавирус, што е четврто последователно зголемување, додека една недела претходно соодносот бил еден спрема 16. ОНС проценува дека 4,1 милиони луѓе во Англија имале Ковид-19. Податоците пристигнаа истиот ден кога беше укинато бесплатното тестирање за Ковид-19 за граѓаните. Комплетот за самотестирање сега генерално чини околу две фунти, додека лабораторискиот ПЦР тест чини помеѓу 40 и 90 фунти.
Лидерот на опозициските лабуристи Кир Стармер предупреди дека укинувањето на бесплатното тестирање може да значи дека помалку луѓе ќе бидат тестирани кога ќе имаат симптоми. Владата соопшти дека здравствените работници, работниците од социјалната помош и најранливите ќе можат бесплатно да се тестираат.