Тиквата се смета за зеленчук и припаѓа во истата група со краставиците, дињата, лубеницата, итн. Вегетира во умерени климатски услови, па различните видови тикви се застапени и на нашите простори. Освен специфичниот вкус и текстура, тиквата има да нѝ понуди импресивен хранлив состав.
Тиквата е храна со ниска калориска, а особено висока хранлива вредност. Во 1 чаша тиква или околу 250g приготвена тиква (печена или варена), се содржат само околу 50 калории кои се добиваат од 13g јаглехидрати (3g фибер и 4g шеќери), 2g протеини и приближно 0g масти.
Кога станува збор за микронутритивната вредност, тиквата содржи навистина долга листа нутритиенти: витамин А, Ц и Е, низа витамини од Б групата (фолна киселина, витамин Б6 итн.), но и повеќе минерали: калиум, бакар, манган, железо, магнезиум и фосфор. Богата е и со каротеноидни антиоксиданти, особено бета каротенот.
Тиквата помага и за многу болести, ја чува кожата здрава и свежа, помага во борба со вагиналните инфекции, осипот, цревните паразити , а се препорачува и против детските глисти. Поради одличната концентрација на растителни влакна, калиум и витамин Ц, тиквата е значајна за кардиоваскуларното здравје, регулирањето на високиот крвен притисок, но помага и во намалувањето на вкупниот холестерол во крвта.
Бројни научни истражувања ја потврдуваат важноста на тиквата за здравјето на очите, односно антиоксидативниот состав превенира болести на очите како макуларна деградација, болест предизвикана од оксидативните оштетувања во очните ткива која е најзастапена кај повозрасните лица.