Бизнисот со флаширана вода во Македонија од година во година бележи раст, а со производство на вода се занимаваат 26 компании од кои 13 се домашни. На пазарот се присутни и компании од Србија, Хрватска, Грција, Италија и Косово. Наспроти препораките на здравствените организации и работници да се избегнува консумирањето на флаширана вода од неколку причини, растечката продажба во Македонија го наметнува прашањето, дали граѓаните се свесни за квалитетот и останатите аспекти на производите кои ги купуваат.
Според податоци на Стопанската комора, бизнисот со вода во Македонија цвета, а минатата година бележи раст од над 20% со 24-те брендови кои може да се најдат на пазарот. За нивниот квалитет се грижи Агенцијата за храна и ветеринарство, каде компаниите и комуналните претпријатија доставуваат сертификати за исправност на водата. Оттаму до овој момент не ни одговорија на прашањето за квалитетот на водата при неодамнешните контроли. Тие имаат обврска двапати годишно да вршат испитувања, но не постојат ограничувања каде може да се вршат тестовите.
И покрај тоа што Институтот за јавно здравје е врвна институција со имаме најширок обем на лабараториски тестирања, компаниите и комуналните претпријатија немаат обврска таму да ги испитуваат мострите. Тоа може да се нарпави и во локалните центри за јавно здравје или пак во приватни лаборатории.
Пред извесен период, Институтот предупредуваше дека не се почитува законската обврска за редовни проверки на квалитетот на водата, иако не откриваа кои снабдувачи со вода не прават редовни испитувања, токму поради фактот што истите можат да се направат во неколку центри или лаборатории.
Како општествено одговорна телевизија, која зрачи низ целата територија на земјава, 1ТВ во наредниот период ќе достави мостри од брендовите на флаширана вода за испитување во домашниот Институт за јавно здравје, како и до надворешни институти, а резултатите ќе ги објавиме во нашата програма и на нашата веб страница. Со ова ќе се разоткрие митот кој кружи на светско ниво: дали компаниите ги полнат флашите со филтрирана вода од чешма и ја пуштаат во продажба?
Инаку Светската здравствена организација, пред еден месец најави дека ќе изготви преглед на потенцијалните ризици од пластиката во водата за пиење. Извештајот на СЗО треба да даде проценка на најновите истражувања за ширењето и влијанието на микропластиката, односно за честичките од пластика кои се доволно ситни и кои можат да се проголтаат со водата за пиење. Оваа анализа следи откако новинарската организација „Орб Медиа“ најде честички пластика во главните брендови на флаширана вода. Нема доказ дека микропластиката може да го поткопа здравјето на човекот, но СЗО сака да ги процени овие податоци.
Против разстечката продажба на флаширана вода се мобилизираше и Европската унија. На почетокот на годината, Европската комисија најави промени во правилникот за квалитет на вода за да спречи нови можности за опасност по здравјето на луѓето и да го ограничи пластичниот отпад. Планот на ЕУ е да ги одврати жителите од консумирање флаширана вода, а новите правила ги обврзуваат земјите членки да обезбедат подобар пристап до вода за пиење.
Освен тоа, светските статистики годишно се создаваат 1,5 милиони тони пластичен отпад од флашите за вода – дополнителна причина за кампањите против нејзиното консумирање.