Проблемот со невакцинирањето против мали сипаници е решен. По мерките на здравствените власти не се вакцинирани уште 7.600 деца. Но, пред почетокот на училишната година нема изјава дали ќе се отстапи од донесената мерка на училиште да се запишат единствено децата кои се вакцинирани.

Меѓу документите кои првачињата ќе ги донесат на денот на упис во училиште е картонот за вакцинација. Родителите кои нема да донесат таква потврда ќе треба да платата парична казна од 300 до 150 евра , а засега се уште неизвесно е дали на овие деца ќе им биде забрането да доаѓаат на училиште.

Една недела пред почетокот на учебна 2019-2020 година, од МОН повторија дека согласно одлуката на Владата донесена во текот на мај, основните училишта ги примаат документите за упис на првачиња, но се запишуваат само тие со потврда дека ги примиле задолжителните вакцини.

„Прецизни податоци за бројот на поднесени документи и запишани ученици во училиштата ќе имаме во следните неколку денови, откако сите општини ќе достават детални извештаи по однос на ова прашање, по што ќе бидат познати и следните чекори, односно мерки кои ќе ги преземеме во координација со останатите надлежни институции“, ни рекоа од МОН.

Но, бројките покажаа дека пролемот со невакцинирањето главно е решен. За неколку месеци од јануари кога беше прогласена епдемија па досега вакцинацијата е зголемена толку што може да се каже дека е постигнат степенот на колективна имунизација.

За да бидеме заштитени од избивање на епидемија колективниот имунитет мора да биде најмалку 95 проценти, а сега тој е 98 проценти на ниво на држава, а 99 проценти во Скопје. Но, промитивните активности ќе продолжат, велат здравствените работници.

„Бројките покажуваат дека мерките дадоа резултат. Ова се однесува на вакцинацијата на оние кои не беа вакцинирани согласно календарот, но многу е важно да се продолжи со вакцинацијата за конечно да се сузбие епидемијата. Се уште регистрираме спорадични случаи, што значи дека вирусот е присутен. Ни остануваат уште 7.600 деца кои треба да се вакцинираат и секако и оние кои полнат 12 месеци и тргнуваат на училиште“, изјави доктор Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје.

Досега, вакцинирани се 35.870 лица со МРП вакцина на возраст до 14 годишна возраст. Од нив, во Скопје се вакцинирани 16.732, додека пак, во останатиот дел од државата се вакцинирани 19.138 лица на возраст до 14 години, кои подлежат на вакцинација.

Од почетокот на епидемијата, беа регистрирани 1.893 случаи со мали сипаници на територија на целата држава, што претставува најголема бројка во изминатите 20 години.

Родителите кои нема да донесат потврда дека нивните деца се вакциниарни треба да платат казна од 100 до 300 евра. Доколку дојдат во државниот здравствен и санитарен инспекторат казната е околу 300 евра, а доколку платат во рок од 8 дена таа се преполовува на 150 евра

Директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Бухова вели дека во јуни од ДСЗ биле испратени 294 покани до родители чии деца не се вакцинирани против МРП. Од нив 150 родители дошле на закажаните термини.

„64 родители покажаа документи дека ги вакцинирале своите децата што е позитивно, а 86 приложија медицинска документација дека во моментот детето не е во здравствена состојба да ја прими вакцината. 144 воопшто не дојдоа и за нив поведовме прекршочни пријави“, изјави доктор Бухова.

Инаку, пред неколку месеци Владата на седница донесе заклучок дека на училиште ќе може да се запишат единствено деца кои се вакцинирани и за тоа имаат соодветен документ или потврда. Ова го соопшти министерот за здравство Венко Филипче на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук. Тој тогаш посочи дека таквата одлука е донесена според одлуки на Уставниот суд од 2014 и 2015 година во кои се наведува дека никој нема право да го загрозува јавното здравје.

Засега нема изјави дали ќе се се отстапува од донесените мерки. Согласно законот основното образование задолжително e децата да одат на училиште.

Од првата детска Амбасада Меѓаши укажаа дека ниедно дете не треба да биде исклучено од образовниот процес, без оглед на здравствената состојба или вакционалниот статус. Свесни сме дека јавното здравје е врвен приоритет, вели Наташа Сердаревиќ и дополни дека државата мора да најде соодветни форми и механизми со кои ќе обезбеди грижа, згрижување и образование на сите деца.

„Првата детска Амбасада Меѓаши смета дека родителите треба и мора да бидат целосно информирани за значењето на имунизацијата и покрај предочувањето на сите позитивни и негативни ефекти од вакцините, над се потребно е да се обезбедат точни информации за квалитетот, безбедноста на вакцините од една страна, како и преземање на одговорност од стана на соодветните институции, доколку се случи несакана реакциј по примена вакцина. Во основа сите одлуки кои го засегаат здравјето на децата и нивното право на образование потребно е да се носат заеднички од страна на родителите и надлежните институции, се со една заедничка цел, а тоа е заштита на децата и нивното здравје и живот“, изјави Сердаревиќ.

Инаку, крајот на епидемијата од морбили треба да биде прогласен, кога двапати по 12 дена нема да има пријавено ниту еден заболен пациент со мали сипаници.

До тогаш остануваат на сила претходно препорачаните мерки и активности, кои ги преземаат Центрите за jавно здравје, Институтот за jавно здравје, Министерството за здравство, ДСЗИ и вакциналните служби во пунктовите за вакцинација.