До утре здравствените установи треба да достават информација до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, дали ја испочитувале наредбата на министерот за здравство за задолжително вакцинирање на медицинскиот персонал против морбили. Во списокот  треба да ги има вакцинираните како и листа со име и презиме и адреса на вработени кои одбиле да примат вакцина.

-Законот е јасен, и здравствени работници ако одбијат вакцинација ќе има санкции, вели Ирина Бухова, директор на ДСЗИ.

Револт кај здравствените работници предизвика препораката на нивните директори, доколку не се сигурни за вакциналниот статус  да проверат дали имаат имунитет. Голем број од нив на социјалните мрежи реагираат дека ова е малтретирање и дополнителен трошок за нив бидејќи мора да земат упат од матичен и да плаќаат за услугата. –Каков е овој модел за справување со епидемија, прашуваат медицински лица.

Здравствените власти со одговор – Никој не ги присилува здравствените работници да проверуваат антитела, можат да се вакцинираат бидејќи тоа е бесплатно.

Здравствените работници и другите вработени во ЈЗУ според насоките од Комисијата за заразни болести, задолжително треба да достават документ за примени вакцини согласно календарот за имунизација. Оние кои не се сигурни во вакциналниот статус имаат две можности- да се вакцинираат или да приложат доказ дека се вакцинирани. Опцијата за испитување на титар или антитела кои укажуваат на тоа дали е некој вакциниран е по сопствен избор на здравствените работници, велат од МЗ.

Од ДСЗИ велат дека во тек е вакцинацијата на здравствените работници во државата и немаат информација колку од нив одбиле да примат вакцина. Инаку од почетокот на епидемијата досега повеќе од 300 медицински лица заболеа од морбили.