Денес Комисијата за заразни болести одржа состанок околу забрзаното ширење на Ковид-19 на кој се разгледуваше предлогот за скратување на времето на изолација на позитивни од тестирани на SARS-CoV-2 кои се асимптоматски случаи.
Министерството за здравство соопшти дека членовите на Комисијата за заразни болести на денешниот состанок дискутираа за повеќе предлог мерки, за кои дополнително ќе се донесат одлуки и заклучоци. За предлогот за скратување на времето на изолација, членовите ќе донесат одлука по дополнителна обемна дискусија која ќе следи во наредните денови.
Комисијата за заразни болести ја разгледуваше и евентуалната можност за промена на почетокот на второто полугодие од учебната 2021/2022 година. Одлуката по овој предлог ќе биде донесена непосредно пред почетокот на второто полугодие, бидејќи клучно ќе биде каква е епидемилошката состојба во државата. Одлуката за почетокот на второто полугодие од учебната година ќе биде усогласена и со Министерството за образование и наука, информираат од Министерството за здравство.
Во меѓувреме последниот извештај на Институтот за јавно здравје вели дека за една недела за 51 процент е зголемен бројот на новозаразени со Ковид. Пријавени се 946 реинфекции, со зголемување од 7 пати во однос на претходната недела. Од министерството за здравство информираат дека зголемен е и бројот на дневни прегледи во инфективните одделенија низ земјава, а дневно во болниците во Скопје бројот на прегледи надминува 100 пациенти.
Анализите на ИЈЗ покажуваат дека периодов доминира Омикрон варијантата. Направено е секвенционирање на вкупно 152 позитивни примероци на SARS-CoV-2, а во 104 од нив( 68%) е детектирана Омикрон варијантата.