Mинистерот за здравство Венко Филипче, денеска на прес конференција соопшти дека Комисијата за заразни болести ќе одржи состанок во петок, во однос на последните анализи на Ковид состојбата во земјава. Тој посочи дека нови рестриктивни мерки не се потребни, доволно е да се почитуваат протоколите и да се зголеми процентот на вакцинација.

Министерот информираше и дека денеска е испратено писмо до сите матични лекари да ги повикаат своите невакцинирани пациенти.

– Со членовите на Комисијата сме во континуирана комуникација и во периодот додека беше ситуацијата прилично мирна. Освен размена на информации, така се евалуираше и потребата за официјален состанок. Во петок ќе има состанок согласно новите анализи. Во однос на мерките, ќе ги слушнеме предлозите и согледувањата. Јас сметам дека терба да продолжат превентивните мерки и да се зголеми процентот на вакцинација. Денеска испративме писмо до сите матични лекари да ги повикаат своите невакцинирани пациенти, рече Филипче, одговорајќи на новинарски прашања.

Тој повтори дека еден од главните критериуми за воведување нови мерки ќе биде ризикот во болничките капацитети кој засега не е евидентиран.  Филипче на прес-конференцијата соопшти дека за 25 проценти е зголемен бројот на КОВИД-случаите, а расте, како што рече, и факторот на преносливост што е јасен индикатор дека ќе има промена на релативно стабилната епидемиолошка ситуација. Се зголемува и бројот на хоспитализирани пациенти, но добро е, истакна, што нема голем притисок врз болниците. Според Филипче, во вакцинацијата има стагнација. Граѓаните мора да се свесни дека тоа е единствениот начин за излез од кризата.