Граѓаните и летово нема да возат по целосно направен автопат кон границата со Грција и назад долж Коридорот 10. Откако се одолговлекуваше официјалното пуштање во употреба на делницата Демир Капија – Смоквица, сега до средината на јули ќе биде пуштен патот од Неготино до Демир Капија, но до крајот на август ќе се работи на обратната делница од Демир Капија до Неготино.
Неизвесно е кога ќе почне да се гради и патот од Скопје до граничниот премин Блаце. Откако пред неколку недели Вицепремиерот Бујар Османи рече дека ова е приоритет за Владата и дека подготвителните активности веќе започнале, од Јавното претпријатие за државни патишта се уште не знаат кога ќе заврши проектирањето на патот и кога точно ќе се објави тендер.
И додека Македонија со децении не може да ја изгради 12 километри долгата автопатска делница до Блаце, Косово неодамна го пушти во употреба 5 пати подолгиот пат, 60 километарската делница од Приштина до Блаце.
Поранешниот премиер Груевски вели дека сегашната власт ги кочела проектите за да и прикаже на јавноста дека патиштата ги реализирал некој друг.
Во изминатите 3-4 години напорно се работело на изградба и реконструкција на делниците Штип-Радовиш, Штип-Кочани, Ранковце – Крива Паланка, од Крива Паланка до бугарска граница, како и на патот Прилеп – Градско, за чија реализација власта на СДСМ си ги препишала заслугите. Дополнително, тој смета дека преку еколошките друштва се стопирала и изградбата на експресниот пат Охрид – Пештани. Ја предизвика Владата да сработи и некој нов проект,што таа ќе го започне уште од самиот старт.