Нема лекарска грешка во третманот на 25-годишниот пациент Јован Димовски од Берово кој почина пред еден месец на КАРИЛ по интервенција на заб во Штипската клиничка боленица. Така заклучила стручната Комисија формирана од министерот за здравство Беким Сали.
Тој вели дека според извештајот на младиот беровец навремено му била пружана лекарска помош, но инфекцијата не можела да се спречи.
– Според наодите кои се најдени во институциите и документацијата дознаваме дека се испочитувани сите стручни фази за пружање навремени стручни услуги кон пациентот. Меѓутоа, целата компликација настанува поради системско проширување на инфекцијата во целиот организам на пациентот и неможноста за реагирање, смирување или намалување на таа инфекција – изјави Сали за една од нашите тв куќи.
Во Основното јавно обвинителство Штип оформен е предмет со цел да се утврдат причините за смртта на пациентот од Берово кој бил третиран во ЈЗУ Клиничка болница Штип. Јавниот обвинител, согласно член 236 и член 246 од Законот за кривична постапка, на крајот на август издаде Наредба за ексхумација, обдукција и идентификација на телото на починатото лице, која ќе ја изврши Институтот за судска медицина Скопје.
Роднините на починатиот на социјалните мрежи информираа дека тој починал откако добил сепса по дренирање заб во штипска болница.
„На ден 23.08 пациент на возраст од 25 години е префрлен од Клиничката болница во Штип во многу тешка состојба и на респиратор. Пациентот на прием со знаци за тешка системска инфекција. И покрај напорите на медицинскиот тим на КАРИЛ и дадената соодветна медицинска нега, пациентот за жал почина за помалку од 24 часа“, соопшти директорот на Клиниката за трауматологија ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) Александар Трајановски.