Тим американски научници откри компонента во маслинките за која веруваат дека може да помогне во борбата против дебелината и дијабетесот.
Научниците од Универзитетот „Вирџинија тех“ спроведоа експерименти на глувци кои покажаа дека линолната киселина од маслинките го намалува шеќерот во крвта и се чини дека помага во губењето на тежината. Линолната киселина е есенцијална омега-6 масна киселина која се наоѓа во различни растителни масла, вклучувајќи го и маслиновото масло, пишува „Њус медикал нет“ (News-medical.net).
Со оглед на тоа што во маслинките нема доволно од оваа киселина, која природно би помогнала во борбата против споменатите проблеми, научниците веруваат дека нивното истражување би можело „да го отвори патот за развој на безбедни и евтини природни производи за контрола на дебелината и дијабетес тип 2 кај луѓето“.
– Промените во животниот стил и мерките за јавно здравје имаат ограничено влијание на растечката зачестеност на дебелината, еден од главните фактори на ризик за дијабетес тип 2 – рекол водечкиот истражувач Донгмин Лиу, професор на Одделот за исхрана и физичка активност на Универзитетот во Вирџинија.
Тој истакнува дека достапните лекови против дебелина се неефикасни во одржувањето на стекнатата тежина, скапи се и претставуваат долгорочен ризик по здравјето.
– Нашиот тим работи на развој на побезбеден, поевтин и мултифункционален лек кој би спречил појава на метаболички нарушувања и дијабетес тип 2 – додал тој.
Презентирајќи ги резултатите од истражувањето на стручната конференција во Чикаго, Луи и неговите колеги нагласиле дека кај глувците на кои им била давана линолна киселина четири до пет недели, дошло до намалување на дебелината за 10,7 отсто, додека нивото на шеќер во крвта и чувствителноста на инсулин паднале на она што „може да се спореди со здрави, слаби глувци“.
Медитеранската исхрана е особено богата со маслинки и маслиново масло. Според неодамна објавената студија спроведена на 90.000 испитаници, маслиновото масло, кое се смета за поздрава алтернатива на растителните и маслата од семки, докажано помага во спречување на когнитивниот пад.