Министерот за здравство Фатмир Меџити најави дека болните од цистична фиброза ќе добијат најсовремен центар за лекување.

Од првиот ден се зафативме со тој проблем. Сите подготовки веќе се при крај и за тоа во наредните недели ќе излеземе со комплетен предлог, конкретен центар кај ќе се лекуваат, најсовремен досега и тој проблем веќе мислам дека пополека ќе го решиме, изјави Меџити.

– За тоа кој како ќе прима терапија, сепак секогаш ќе одлучат стручните кадри, комисија, сите кои треба да примат, кои не треба, до која година, ќе одлучат професионалците, додаде Меџити.

Во Собрание минатата седмица не помина предлогот за ослободување од партиципација од медицински услуги и лекови на пациенти со цистична фиброза над 26 години. Како што биле информирани членовите на Асоцијацијата за цистична фиброза, пациентите биле ослободени од партиципација уште во 2019 година.

Асоцијацијата за цистична фиброза бара решение подолго време за овој проблем. Оттаму се надеваат дека и покрај гласањето против, и со документот од 2019 година дека лицата со цистична фиброза се ослободени од партиципација, конечно ќе се најде решение со што пациентите најпосле ќе се ослободат од овој финансиски товар.

Александар Стамболиски кој има 26 години, минатата седмица се осврна на трошоците околу терапијата за оваа болест, во просек месечно околу седум илјади денари за пациент со цистична фиброза. Ако има компликации, потребни се повеќе финансиски средства.

Моментално, 12 пациенти добиваат „трикафта“, лек со кој се олеснува болеста и лицата со оваа болест може да функционираат без проблеми. Асоцијацијата за цистична фиброза се бори лекот да го добијат сите пациенти во државата.