Директорот на Универзитетската клиника за детски болести Реџеп Мемеди вели дека медицинската сестра немала никаква намера да му нанесе повреда на тримесечното бебе, што било утврдено на стручната Комисија што беше формирана да го разгледува случајот.
Според Мемеди, модринките на десната рака на бебето настанале во текот на процедурата за земање на венска крв за анализи еден ден пред случајот да биде изнесен во јавноста.
„Комисијата во текот на вчерашниот ден ги разгледа сите факти и информации и изјави на медицинската сестра и на родителите на доенчето. Процедурата за земање на венска крв ја реализираат две медицински сестри при што едната сестра ја фиксира раката на детето на надлактица и подлактица, а другата сестра боцка вена. Како последица на механичкиот притисок настанале хематомите на десната надлактица и подлактица“, рече Мемеди на денешната прес-конференција.
Причина за алармирање на случајот, како што рече Мемеди, било недоразбирање меѓу дедото на детето и медицинската сестра кое се случило неколку дена претходно со што родителите ја изгубиле довербата кон медицинската сестра.
Комисијата што ја сочинуваа четири члена, додаде Мемеди, ја прекина работата, откако вчера имаше средба меѓу родителите на доенчето и медицинската сестра, а на која двете страни си подадоа рака на помирување и се согласија дека настанот е повеќе последица на погрешна комуникација и недоразбирање.
Прашан дали за медицинската сестра ќе биде поведена дициплинска постапка, тој рече дека нема потреба затоа што случајот е затворен и се расчистиле сите нејаснотии и дилеми.
„Апсолутно тука немало никаква лоша намера ни од страна на сестрата ни од родителите. Вакви случувања имало и порано, сега се направи малку повеќе бука, но продолжуваме да бидеме на висина на нашата задача“, одговори Мемеди.
Директорот Мемеди иако на прес-конференцијата многу пати беше прашан зошто не беше сослушана медицинската сестра пред да се изнесат сите информации околу неа и дали се избрза со прерани заклучоци, тој избегнувајќи да даде повеќе одговори кусо одговори дека требало да се формира Комисија, да се анализираат сите информации и податоци и оти немало потреба од брзање.