Комбинатот „Фени Индустри“ од Кавадарци да оди на јавна лицитација и најдобриот понудувач да стопанисува со него, предлага менаџментот од бугарската компанија „Минстрој“. Велат предложениот план за реорганизација на „Фени“ е создаден спротивно на професионалните стандарди, утврдени со законски и подзаконски акти, и може да потоне во загуби.
Ваквото решение, велат од „Минстрој холдинг “, крие многу опасности и порачуваат да се оди на варијанта со впаричување на имотот.
- Наше мислење е дека со доставениот и предложен план за реорганизација нема да се постигне целта на стечајната постапка, односно најголем дел од доверителите нема да бидат намирени или ќе бидат намирени во износ од 15 проценти, што е многу мал износ за вредност на имот на комбинат од преку 72 милиони евра, во ситуација кога долговите на Фени се помали од неговиот имот и кога постои начин доверителите целосно да бидат намирени“, рече на прес-конфренција правниот застапник Ивица Јевтиќ.
Со впаричување на имотот на „Фени“ како алтернатива чија основа произлегува од законските одредби на Законот за стечај, ќе се постигне поголема цена и ќе се добие сигурен инвеститор кој ќе вложи во иднината на овој гигант кој рани многу семејства од Тиквешијата.
Од менаџментот на бугарски „Минстрој“ тврдат дека нивната понуда во однос на „Фени“ е сериозна и оти сакаат успешното работење од Злетово и Тораница да ја пресликаат и во „Фени“.
Велат дека се сериозни и нудат 100% откуп на побарувањата на сите доверители на „Фени“ како и 30 милиони евра во обнова на комбинатот, 10 милиони во повторно отворање на рудникот Ржаново и 100 милиони за враќање на сите вработени.