Од вкупниот број починати новороденчиња на Клиниката за Гинекологија, 21 се родени во 22- 28 гестациска недела со неразвиени витални органи и ниска родилна тежина, 6 во 29-31 гестациска недела со ниска родилна тежина, седум во 32-36 гестациска недела. Само едно од 35 новороденчиња кои починале на Клиниката за гинекологија во првите три месеци од годината е родено навреме, но со со медицинска аномалија на органите што не можела да се корегира, информираат од Министерството за здравство.
Од МЗ велат дека смртноста бележи пад ако се земе во предвид дека лани во првите три месеци 41 бебе, додека во 2016 година починале 38 новороденчиња.
„Од нив 144 биле предвреме родени и биле третирани на одделот за интензивна нега, а 35 починале. Починатите бебиња во периодот од јануари до крајот на март 2018 година спаѓаат во категоријата предвремено родени бебиња. Истакнуваме дека само едно од починатите бебиња е родено во соодветниот термин, но со медицинска аномалија на органите, која е во рамките на неможност да се исправи. Според статистиката, околу 80% од бебињата починале поради екстремно неразвиени органи и поради исклучително ниска родилна тежина. Исто така информираме дека трендот на смртност на предвреме родени бебиња бележи пад. Во 2016 во првите три месеци од годината починале 38 предвреме родени бебиња, додека лани 41 бебе“, се вели во соопштението од Министерството за здравство.
Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство е најголемо родилиште во земјава и на клиниката се примаат најкомплицираните, најтешки случаи, а се изведуваат и сите предвремени породувања.
„Министерството за здравство укажува дека, за жал состојбите, кои ги затекнавме во најголем дел од родилиштата, не можат да се поправат само за неколку месеци. Ќе треба долго време да се надомести недостигот на стручен кадар, бидејќи повеќе од 10 години не се планирало и не создавал кадар, во согласност со потребите на здравствените установи“, се вели во соопштението.
Министерството за здравство пред два месеца објави сет мерки, со кои се очекува да се сведе на минимум смртноста на новороденчињата и на мајките. Дел од нив се краткорочни и веќе се реализираат.