Министерството за здравство вчера реагираше на дел од објавите и пренесените ставови во медиумите дека кинеската вакцина „Синовак“ не штити од делта сојот и од тешка клиничка слика при разболување на вакцинираните со оваа вакцина.
– Ова тврдење е апсолутно неточно, нема ниту една студија или научен доказ кој ова го потврдува. Апелираме медиумите да не пласираат непроверени тези од поединци кои не се засновани на официјални информации од меѓународните здравствени институции. Досегашните анализи и официјални инофрмации на СЗО која ја одобри оваа вакцина, покажуваат дека истата е ефикасна 51 проценти при заштита на асимптоматските случаи и штити 100 отсто од развој на тешка форма на болеста, велат од МЗ.
Од следната недела треба да почне теренската вакцинација против Ковид-19. Ќе ја организира секој директор на здравствен дом, во зависност од бројот на жители во помалите места.
Во однос на ефикасноста на вакцините, Филипче нагласува дека дефинитивно штитат од потешки форми на болеста и од смрт. Оваа недела, како што соопшти вчера, се вакцинираат над 60 илјади граѓани кои се пријавени за вакцинација. Сите граѓани кои од сега натаму ќе се пријават, вакцинацијата ќе се закажува во пунктовите во здравствените домови и во поликлиниките во Скопје.
– Во салите ќе продолжи ревакцинацијата заклучно со последните денови од јули, за во август да функционираат пред се здравствените домови и поликлиниките, појасни Филипче.