На 11 март пред три години, Светската здравствена организација прогласи пандемија од коронавирус откако тој првично се појави во кинескиот град Вухан во декември 2019 година. Светот се соочи со полициски час, носење заштитни маски, ограничување на јавни настани, масовни тестирања за Ковид-19, онлајн учење и работа од дома. Секојдневието на граѓаните се промени за 360 степени. Дезинфекција на секој чекор, а коронавирусот натера голем дел од популацијата да ја стави социјализацијата на пауза.
Првиот случај во Македонија беше потврден на 26 февруари 2020 година кај жена која допатува од Италија. Бројот на заразени интензивно расте од почетокот на март и кон крајот на јули 2020 година достигнува 10 илјади заразени.
Воведени беа серија на мерки во насока на спречување на ширењето на вирусот. Затворени беа сите училиштата и забранети јавни настапи. На 13 март поради зголемен број на заразени беше прогласена кризна состојба во општините Дебар и Центар Жупа кои беа ставени под карантин, а по предлог на тогашната техничка Влада на 18 март беше прогласена вонредна состојба на целата територија на државата.
Во однос на тоа какви се шансите за нов сој на Ковид-19 во нашата држава, од Институтот за јавно здравје велат дека со оглед на тоа дека се работи за РНК вирус, шансите за мутација се поголеми.
Вакцинацијата во земјава почна на 17 февруари 2021 година. Заклучно со 5 март годинава, вакцинирани се вкупно 876.031 лица со барем една доза, а комплетно вакцинирани со две дози се вкупно 857.128 лица.