-„Јавното обвинителство мора да отвори сериозна истрага во која ќе ја утврди одговорноста на министерот за здравство Венко Филипче за скандалот со уништувањето на инсулин со валиден рок на траење. Постојат издржани и аргументирани сомненија дека Филипче и останатите инволвирани во скандалот нанеле милионски штети на буџетот со уништувањето на инсулинот. Три дена поминаа откако најавија дека ќе го отворат и истражат случајот, а не слушнавме за никаква активност во таа насока.
Органите на прогонот не смеат да остават простор да се уништат траги и докази или да се влијае врз потенцијални сведоци со оглед на фактот дека станува збор за министер, близок соработник на Зоран Заев. Јавноста мора да знае кои се мотивите за уништување на инсулинот и дали некој се офајдил или ќе се офајди од оваа одлука.
Доказ за обвинителството треба да бидат и залудните обиди со манипулации да се покрие овој милионски скандал. Од министерството за здравство прво велеа дека уништувале турски инсулин, па се испостави дека е инсулин произведен од светски реномиран производител „Новонордиск“. Потоа се вадеа дека уништиле инсулин со изминат рок, па се испостави дека рокот му траел до 6-ти и 7-ми месец следната година. Потоа се вадеа дека производителот не обезбедил ладен ланец на чување, па се испостави дека тоа е грижа на купувачот односно на министерството за здравство.“- изјави порпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат од надлежните институции итно да одговорат кога е произведена оваа количина уништен инсулин, колкава е штетата направена во буџетот и дали ова води до распишување нова милионска набавка која потоа треба фирма блиска до СДСМ да ја добие.
Во својата изјава, Наум Стоилковски истакна дека одговори и одговорност мора да има. Обвинителството мора да се произнесе за сите прашања, бидејќи се работи за парите на граѓаните и здравјето на пациентите во Република Македонија. Тој посочи дека ако обвинителството е под силен притисок на власта на Заев сето ова да се турка под тепих, после изборите на 12-ти април 2020, сето ова ќе излезе на виделина.