Новиот двегодишен тендер за набавка на инуслин, за кој Министерството за здравство информираше дека ја почнало постапката минатата недела, сѐ уште не е објавен на електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН). Во тек е технички дијалог со економските оператори за набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли, ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи за периодот септември 2018 – септември 2020, велат од Министерството за здравство.
„Техничкиот дијалог трае до 22 овој месец и во овој рок економските оператори треба да достават забелешки и мислења. Потоа, ние треба да им одговориме и имаат рок од осум дена да достават жалби на нашиот одговор до Второстепената комисија за жалби. Оваа постапка може да оди побрзо во случај да нема жалби и тендерот да го објавиме до крајот на неделата. Но, постапката е таа и ќе ја почитуваме“, велат од секторот за јавни набавки на Министерството за здравство.
Годинава, Министерството за здравство на неколку наврати правеше интервентен увоз на одредени типови на инсулин, бидејќи со претходната набавка биле набавени помали количини. Лани во декември, еден од производителите на инсулин донираше терапија за лицата со дијабетес, оти Агенцијата за лекови и медицински помагала го испитуваше квалитетот на инсулинот увезен од еден од дистрибутерите и времено беше запрена дистрибуцијата до инсулинските аптеки.
Цвете Серафимовски, од здружението за детски дијабетес „Баланс МК“, вели дека на нивно барање Министерството за здравство прифатило со новиот тендер да се набават нови посовремени инсулини.
„Во случајов е најбитно што нема недостиг од терапија, бидејќи недостатоците се покриени со интервентни набавки и со донации“, вели Серафимовски.
Распишувањето на тендерот за набавка на инсулин, според Министерството за здравство, не доцни, бидејќи договорите со веледрогериите од претходната набавка август 2016-август 2018 истекуваат на први декември годинава.
„Претходниот тендер е изготвен средината на 2016 година и договорите со економските оператори истекуваат на први декември. Од повеќето инсулини има доволни количини. За мал дел инсулини се јавува недостиг, кој го решивме со интервентна набавка и со донации и пациентите не се оставени без терапија. Овој недостиг се јавува бидејќи при претходната тендерска постапка количините не биле добро планирани“, велат од Министерството за здравство.
Со новата јавна набавка, се предвидува веледрогерииите кои ќе го добие тендерот по испорака на првите едномесечни количини до здравствените установи, во своите магацини да имаат залиха за уште еден месец.
„Предвидуваме и можност стручни лица од Министерството без најава и во секое време да можат да направат увид во самите магацини на веледрогериите за да се види дали ги имаат потребните колични на залиха и како се чува инсулинот. Додека трае техничкиот дијалог не можеме да ја откриеме вредноста на набавката и на количините. Количините инсулин кои ќе ги набавиме се направени најпрецизно во соработка со комисијата за дијабетес и здруженијата на пациенти“, велат од секторот за јавни набавки на Министерството за здравство.
Во Македонија околу 190.000 луѓе живеат со дијабетес, а 40.000 се на инсулинска терапија, од кои 500 се деца.
На сето ова што досега се слушна и се виде, ние како приматели на инсулинска терапија неможеме цврсто да веруваме во тоа што го презентира министерството бидејќи во минатото се покажа дека многу се збори, многу се ветува малку се исполнува, поради тоа нашата резервираност е оправдана. Не веруваме дека нешто ќе се случи, дека нешто ќе се смени, терапијата со скоро поминат рок ќе ни ја дават и нудат и понатаму во наредниов период, а што ќе биде од декември, па натаму останува да видиме. Министерот не ги води работите како што треба, затоа нема доверба во неговото работење. А за дијабетичарите што примаат терапија господ да ни е напомош – неофицијално ни посочи една соговорничка корисник на инсулинска терапија.