Околу 8.000 деца во Македонија се на листа на чекање за упис во градинка, покажуваат податоците со кои располага Министерството за труд и социјална политика. Младите родители се соочуваат со проблем за упис во градинка и неретко за нивните деца да бидат згрижени чекаат и по една година.

На крајот на април годинава во 66 државни детски градинки во 55 општини биле згрижени околу 36 илјади деца.

Интенција на државата е да се зголемува опфатот на деца згрижени во детските градинки, особено една година пред да појдат во училиште. За тоа да се реализира, потребно е да се изградат нови, да се прошируваат постојните капацитети, како и да се вработат нови дополнителни негувателки и воспитувачки, нешто што го најавија и од Министерството за труд и социјална политика.

– Со Светска банка, како што неодамна изјави министерот за финансии Драган Тевдовски, се разгледува можноста за идна соработка. Еден од поважните проекти за кои е разговарано е помошта во социјалната сфера во висина од 35 милиони долари за отворање нови градинки и реновирање на постојните – велат од МТСП.

Планирано е отворање детски градинки во Конче, Пласница, Градско, Кривогаштани, Чешиново – Обелешево, Валандово, Свети Николе во с.Горобинци, Пробиштип, во село Кравари, битолско, во село Марена, кавадаречко, како и во Чучер Сандево.

Исто така, во завршна фаза се и објектите наменети за градинки во  Зрновци, Прилеп, Чашка, Куманово, Велес во село Караслари, Јегуновце во село Прељубиште и Маврово – Ростуше во село Скудриње.