Со цел модернизација на здравствениот систем, министерот Арбен Таравари, потпиша Меморандум за соработка со Министерството за здравство на Република Словачка, со акцент на електронското здравство и телемедицината – две клучни области за иднината на здравствените услуги, соопшти Министерството за здравство.
Министрите Арбен Таравари и Камил Шашко, во Братислава потпишаа договор, со кој се зајакнува билатералната соработка во медицинските иновации, размена на експертиза и обука на здравствени работници. Меморандумот е со цел модернизирање на дигиталната здравствена инфраструктура, олеснување на медицинските консултации од далечина и подобрување на пристапот на пациентите до медицинските услуги.
- Ова е голем чекор кон попристапен и поефикасен здравствен систем. Партнерството со Словачка ќе ни помогне да имаме корист од нивното искуство и напредната технологија во е-здравството и телемедицината, истакна министерот Таравари по церемонијата на потпишување.
Оваа соработка ги отвора вратите за конкретни проекти, кои ќе донесат иновативни технологии во здравството, подобрување на грижата за пациентите и подготовка на здравствените работници за предизвиците на дигиталната ера, додаваат од МЗ.