Министерот за здравство Венко Филипче денеска зборуваше за новите предлози за олабавување на рестриктивните мерки. Во однос на носењето на маски на отворено тој посочи дека е уште рано да се даде препорака за неносење. Новите предлози доаѓаат поради трендот на намалување на бројот на ново заболени и значителното празнење на болничките капацитети.
Филипче истакна дека за ваква мерка за неносење на маски на отворено ќе треба да се почека уште една до две недели.
– Следниот чекор би бил, но сеуште е рано да кажеме кога би било тоа, да се носат маските како претходно, односно само во група надвор. Засега е рано. Тоа ќе биде следно за што ќе разговаравме. Утрово инициравме дискусија и заклучокот е дека треба да почекаме уште недела или две, рече Филипче.
Засега е рано и да се организираат свадби и концерти.
– Сеуште не се дозволени концертите и свадбите бидејќи стравуваме дека во овие случаи може да се намали дистанцата меѓу луѓето кои се присутни и затоа одиме постепено. Ако продолжат трендовите, ќе бидат дозволени и концертите, нагласи Филипче.