Доаѓаат затоа што немаат каде да одат. На Клиниката за онкологија во Скопје се лекуваат болни од рак од целата држава бидејќи подрачните центри не функционираат. По скандалот на оваа Клиника, некои граѓани се жалат дека не ги добиваат соодветните медицински услуги, додека други забележуваат промени.
Додека Обвинителството продолжува со прибирање докази за поднесување на евентуално обвинение за осомничените во случајот Онкологија, пациентите имаат поделени мислења. Едни кои се принудени да се лекуваат на Клиниката за онкологија велат дека ја загубиле вербата во онколозите, а други велат дека сè е на најдобро можно ниво бидејќи оние кои направиле малверзации не се во оваа клиника.
За скандалот на Онкологија од Обвинителството велат дека сè уште се во истражна фаза и не даваат подетални информации. Според обвинителството, 5-те лица се осомничени дека низ годините злоупотребиле 29,5 милиони евра. Тоа значи дека за 6 години штетата достигнала вредност од еден цел годишен буџет за Онкологија само за терапии. Од регионалната соработка косовското обвинителство не нашло податоци дека украдените терапии од Клиниката за онкологија завршиле кај пациенти државјани на Косово. Во периодот 2017-2022 година, двајцата директори во соработка со лекари, препишувале двојно повеќе скапи терапии на име на болни од рак. Неконтролираното повлекување на виталните лекови од аптеката на клиниката создало финансиска дупка во Фондот за здравство, но се вели дека многу пациенти останале без соодветните терапии. Сè уште не е потврдено каде и како се продавале овие терапии, но на црно само една месечна доза чини од 4 до 5 илјади евра.