Буџетот за бесплатното болничко лекување кое, како што најави премиерот Зоран Заев, ќе стартува од 1 јануари 2019 година, ќе изнесува околу 7,6 милиони евра.
– Според досегашните проценки буџетот ќе изнесува околу 7,6 милиони евра. Тоа е партиципацијата која граѓаните ја плаќаат за болничко лекување, односно за останување во болница. Тие пари ќе ги покрие државниот буџет и граѓаните нема да плаќаат за болничко лекување, рече премиерот Заев одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на Прилеп.
Пролетта, како што рече, донесена е одлука за бесплатно болничко лекување за децата на примателите на социјална помош и за нив, а се надевам дека од 1 јануари следната година тоа ќе важи за сите. Но, покрај најавите на премиерот, засега остануваатѕ многу неодговорени прашања – Дали оваа реформа ќе предизвика повеќе штета отколку корист за системот и ќе доведе до зголемување на листите на чекање за операции, каде во други земји има вакво бесплатно болничко лекување и дали секоја година ќе има пари од буџетот за оваа мерка, или, пак, клиниките ќе тонат во долгови и нема да функционираат како што треба. Популистичка мерка која нема шанси да биде реализирана е коментарот на поголем број од пациентите.