Mинистерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека осум лекари од приватните болници од утре ќе бидат на распогање на јавното здравство. Тие ќе бидат вклучени во постојниот систем на ротација во рамките на клиниките во Скопје, а ваквиот договор бил донесен по вчерашниот состанок со медицинските директори на трите приватни боилници, „Ремедика”, „Жан Митрев” и „Систина”.
-Веќе од утре треба да бидат на располагање пет лекари од болницата Систина, двајца од болницата Ремедика и веројатно еден од болницата Жан Митрев, иако првичната најава беше дека голем број од здравствениот кадар се на боледување дека ќе може да пренасочат еден лекар да биде на располање. Оваа бројка на колеги лекари – специјалисти ќе биде во истиот систем на ротација во рамките на клиниките во Скопје, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.
Министерот посочи и дека побарал намалување на цените на услугите каде се лекуваат ковид-пациентите, но го повтори ставот дека формално-правно државата нема никаков механизам да влијае на цените во приватното здравство.
За можноста за нови вработувања во Брзата помош, која моментно работи со седум екипи, а за што веќе е поднесено барање до Министерството за финансии, министерот за здравство потврди дека повеќе пати досега разговарал со министерот за финансии, не само за оваа здравствена установа, туку за сите ширум државата, но најави дека во однос за конкретново барање, ќе се заинтересира и дополнително ќе информира.
-Подолго време се чекаа согласности за луѓе кои се со договор на дело, и сега постепено ги добиваат сите како позитивно мислење. Таму каде што добија негативно мислење повторно се пратени писмата и тоа беше договорено со министерот за финансии. Стигна и согласност за младите лиценцирани лекари, близу 90, кои треба да го започнат стажот кој што е платен, рече Филипче.