Микропластиката до сега беше пронајдена на врвот на Монт Еверест, длабоко во Маријанскиот ров на Пацификот, а сега и во човечките тестиси. Истражувачите од Универзитетот во Ново Мексико пронајдоа 12 видови канцерогена микропластика во сите 23 испитани човечки тестиси.
Податоците покажуваат дека нивото на сперма се намалило за 59 отсто во последните неколку децении, а виновниците се од мобилни телефони во џебовите на панталоните до електронски цигари, пишува „Дејли мејл“.
„Не сакаме да ги плашиме луѓето. Сакаме да обезбедиме научни податоци и да ги освестиме луѓето“, велат научниците.
Најраспространет меѓу 12-те типа на микропластика е полимерниот материјал полиетилен, кој се користи во пластични кеси и шишиња. Просечната концентрација кај луѓето е 329,44 микрограми на грам ткиво – многу повисока од неодамнешните студии за човечка крв, кои открија само десетици микрограми на грам.
Микропластиката, помала од пет милиметри, влегува во нашите тела преку пластична амбалажа, одредена храна, вода од чешма, па дури и преку воздухот што го дишеме – и е поврзана со рак и проблеми со плодноста.
Истражувачите беа поттикнати од откритието за загрижувачки концентрации на микропластика во човечките плаценти. Тие се прашуваа како инаку микропластиката може да влијае на репродукцијата. Утврдено е дека концентрацијата на микропластика во ткивото на човечкиот тестис е значително повисока од просечната во ткивото на плацентата.
Од етички причини, од банка за ткиво е добиено анонимно човечко тестикуларно ткиво кое се чува одредено време по обдукцијата за можни форензички цели. Методите на зачувување на овие ткива го оневозможија одредувањето на бројот на сперматозоиди. Ова е причината зошто истражувачите ги испитувале ткивата и на кучињата – количината на микропластика била директно поврзана со помал број на сперматозоиди.
Медицинските експерти со години се загрижени за намалувањето на нивото на сперма, а причините се чини дека се поврзани со голем број фактори на животната средина. Студија од 2022 година покажа дека просечниот број на сперматозоиди се намалил за 51,6 отсто помеѓу 1973 и 2018 година на глобално ниво.
Авторите на новата студија велат дека особено загрижува присуството на ПВЦ пластика, бидејќи ПВЦ може да ослободи многу хемикалии кои влијаат на сперматогенезата и содржат хемикалии кои предизвикуваат ендокрини нарушувања. Ендокрините нарушувања предизвикуваат проблеми со половите и репродуктивните хормони кај луѓето, рибите и другите видови.
Студиите во последниве години покажаа дека микропластичните честички придонесуваат и за воспалителни болести на цревата, рак на панкреасот и Алцхајмерова болест.
Во услови на зголемена загриженост за микропластиката во нашите тела и во животната средина, 175 земји-членки на ОН се согласија да постигнат глобален договор оваа година за ставање крај на загадувањето со пластика.