Тетовирањето носи многу медицински ризици за кои секој кој сака да го исцрта своето тело би требало да биде свесен. Дерматовенеролозите посочуваат кои се ризиците и на што посебно треба да се обрне внимание. Одлуката да се направи тетоважа или да се стави пирс секогаш носи извесна доза на здравствен ризик. Ако сте во рацете на стручна личност која почитува одредени принципи, здравствените ризици се сведени на минимум. Понекогаш на местото на убодото може да настане крвавење, па кожата изгледа како испечена. Меѓутоа, тоа е привремена состојба која трае најдолго две недели. За тоа време кожата целосно закрепнува, а тетовираниот мотив доаѓа до целосен израз. Тоа се, условно речено, идеални околности.

Што може да тргне во несакана насока?

Ризиците од тетовирањето и ставањето на пирс може да се однесуваат на реакциите на внесениот пигмент во кожата. Се манифестираат во вид на контактни алергии или, што е ретко, на појава на осип. Двете реакции настануваат во текот или по изведената процедура. Се препознаваат по инфекцијата на кожата и поткожното ткиво. Освен тоа, може да се јави и инфекција пренесена преку инфицираната крв, доколку се користат нестерилизирани инструменти. Во кожата, всушност, со тетоважата се внесуваат нерастворени пигменти. Пигментот прво се става на кожата, а потоа со серија повторувачки убоди се внесува во површинскиот слој, со длабочина од 1-2 милиметри. Убодите најчесто се изведуваат со игла, остри предмети или со пиштол за тетоважа.

Зошто доаѓа до несакани реакции?

Алергиските реакции се манифестираат поради реакциите на внесените пигменти. Некои од нив содржат соли на метали кои за чувствителните лица се, всушност, алергени, кои предизвикуваат контактен алергиски дерматитис. Сината боја, на пример, ја дава мастилото, индигото и солите од кобал, зелената – солите од хром, додека за црвената боја е потребна сол од жива, cinaber. Жолтата боја се добива од солта на кадмиумот, виолетовата ја дава солта од манган, белата од талк, а кафеавата боја од железото. Во секој случај, промените кои настануваат поради алергиската пречувствителност може да се јават непосредно по тетоважата, а понекогаш и по неколку години.

На кој начин се манифестираат промените?

Прво се појавува црвенило проследено со чешање, а потоа на местото на тетоважата се појавуваат ситни меурчиња, кои по прскањето оставаат ранички. Поради изразеното чешање се јавуваат и гребнатини, а можно е и настанување на секундарна бактериска инфекција. Инфекцијата е веќе посериозна состојба проследена со болен оток, гноење и зголемена телесна температура. Меѓутоа, инфекциите се повеќе карактеристични за пирсот отколку за тетоважата.

Ако тетоважата или ставањето на пирс не се спроведуваат во стерилни услови и со стерилни инструменти, може да дојде до пренесување на најразлични вируси. Секако, под претпоставка во нестелизираниот инструмент да останала трага од крв на заболената личност која претходно ги поминала наведените третмани. На овој начин најлесно може да се пренесе исклучително отпорниот вирус, предизвикувач на хепатитот Б или хепатитот Ц. Понекогаш може да се случи пренесување на ХИВ вирусот. Исто така, познато е дека на местото на тетоважата може да се јави и мелигнен меланом, како и грди лузни келоиди, грануломи и саркоидни јазли. Преку овој пат може да се пренесат и предизвикувачи на сифилис, туберкулоза и лепра.