Пандемијата со Ковид-19 може да има негативен ефект врз телесната тежина и кај децата. Затворањето на училиштата ќе влијае врз физичката активност на децата, токму поради отсуството на училишните активности.
Ханс Клуге, регионалниот директор на СЗО за Европа, посочи дека зголемената телесна тежина е еден од загрижувачките трендови кои се јавуваат како последица на коронавирусот. Прекумерната телесна тежина подоцна се поврзува со опасни болести по живот, како што се кардиоваскуларни болести, дијабетес и рак.
За да се избегне негативното влијание на коронавирусот врз иднината на децата, Клуге повика на усвојување на научно базирани политики насочени кон промовирање на здрава исхрана и физичка активност, а притоа мислејќи на воведување данок на засладени пијалоци, се наведува во извештајот.
Врз основа на истражувањето спроведено во 36 земји е утврдено дека речиси секое трето дете во европскиот регион на возраст меѓу шест и девет години страда од прекумерна тежина.
Студијата покажа дека состојбата е најлоша во земјите од Медитеранот, иако во некои држави ситуацијата од неодамна постепено се подобрува, на пример во Грција, Италија, Португалија и Шпанија.